Богојавление – Водици 2021 година во Охрид

Оваа година во меморијата на охриѓани ќе остане запаметена како година на ковид 19. Светиот Синод на МПЦ-ОА излезе со препорака престојните Божикни и Богојавленски празници да се прославуваат без нарушување на законските нормативи за јавни собири определени од владата. Тоа подразбира верниците во храмовите да носат маски, да одржуваат меѓусебно растојание, а богојавленското осветување на водите во 2021 година да се одржи во кругот на храмовите. Од страна на организациониот одбор за прославување на празникот „Богојавление Водици“ и „Денот на Рибарите св. Јован Крстител“ во Охрид, по препораките на Владата и МПЦ-ОА, оваа година не организираше никакви настани и манифетации, што беше обичај изминатите години кога на градското пристаниште присуствуваа илјадници луѓе.

Од страна на одборот, со цел да се запази редот за време на богослужбите и богојавленскиот водосвет во храмовите, беа ангажирани волонтери од Црвен крст кои делеа заштитни маски на сите присутни. Беше организирана и редарска служба која се грижеше за редот и меѓусебното растојание. Во овие тешки времиња од страна на Општина Охрид и Дебарско – кичевската епархија се организира и хуманитарна акција за социјално ранливите семејства од подрачјето на општината на кои им беа доделени хуманитарни пакети. Покрај хуманитарните активности, со подршка на Општина Охрид, се изработи веб страница www.bogojavlenie-ohrid.mk , и се изработи Виртуелна Галерија во која се изложени фотографии од 1990 година до 2020 година.

Да се пишува за верски празник е голема одговорност. Посебна одговорност и чест е да се пишува за еден од најголемите Господови празници празникот Богојавление – Водици, а посебно за Водици во Охрид. Тоа е одговорност и пред Бога и пред охриѓани. За охриѓани празникот Богојавление е втор Велигден, а некои милуваат и да кажат: „Господ да ни прости, но ние најмногу си го сакаме празникот Водици“. Оваа година според препораките и протоколот на Дебарско – кичевската епархија централната прослава на празникот се одржа во манастирот Св. Климент и св. Пантелејмон – Плаошник, каде што чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија г.Тимотеј. Исто така богослужби се одржаа и во сите парохиски цркви каде што се изврши и чинот на големиот Богојавленски водосвет. Во стариот дел на градот храмот Св. Никола – Геракомија, уште од дамнина е тесно поврзан со прославувањето на Водици и Денот на рибарите на најавтентичен начин.

Уште од раните утрински часови градското пристаниште беше силно обезбедено со полиција и прегради од кои никој немаше пристап до самото пристаниште. За разлика од претходните години кога пристаништето беше украсено со знаменија и зеленило, оваа година го немаше празничниот сјај.Пред сите цркви имаше полиција. Особено беше обезбедено местото викано Сараиште – место кое сведочи за многу настани, а особено сведочи за прославата на Водици. Во минатото кога јавното прославување на Богојавление било забрането охриѓани криејќи се во раните утрински часови го фрлале крстот во вода за благослов на сите.

Во дворот на храмот Св.Никола Геракомија, парохискиот свештеник, после отслужената литургија, го изврши чинот на Богојавленски водосвет.Потоа го спушти крстот во купелот со вода како што се правело некогаш во минатото.Оваа година крстот го фати Никола Чорбески од Охрид.

Потоа, од дворот на храмот, верниците носејќи го чесниот крст и купелот со осветена вода, се упатија во местото викано Сараиште. Почитувајќи ги препораките на здравствените власти, од полицијата која го обезбедуваше местото побараа само да го истурат купелот со вода во езерото. Некои од верниците пеејќи го богојавленскиот тропар посакаа да се искапат во езерските води. Полицијата, скептична кон ваквото барање на верниците, не се воздржа да ги казни сите кои одлучија да влезат во водите на Охридското езеро.

Наредниот ден на 20.01.2021година, кога се прославува Собор на св.Јован Крстител – Денот на рибарите, света литургија се одржа во храмот Св.Јован Богослов – Канео. Како што е традицијата, охриѓани воопшто не го изоствија и овој ден. После литургијата во Канео, сите се собраа во храмот Св. Никола – Геракомија. Никола Чорбески кој беше најсреќен оваа година, со чесниот крст во рака, заедно со својата тајфа се упати кон населбата Канео.Таму за да се запази долгогодишната традиција која ја негуваат охриѓани, откако трипати го испеаја Богојавленскиот тропар сите заедно за здравје се искапија во водите на Охридското езеро.

 

Во Административниот центар на Дебарско – кичевската епархија, во име на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Тимотеј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски секретар на Дебарско – кичевската епархија го прими фаќачот на крстот Никола Чорбески и традиционално го даруваше со златно ланче и крст.

 

Во името на Општина Охрид градоначалникот Константин Георгиески го даруваше со икона.

 

Охриѓани од најмлад до најстар живеат за овај празник и со нетрпение го очекуваат секоја година. Низ историјата поминале и поголеми препреки и искушенија како за Црквата така и за верниот народ. Но, кај народот никогаш не изостанала традицијата и почитта кон Бога. Посакуваме премрежјата низ кои минуваме оваа година што поскоро да завршат и сите заедно и масовно да го прославиме празникот како што му доликува на Охрид.

Подготвил:Р.Илија
Фото: Шпанец, Емил и Р.Илија