КРШТЕВАЊЕТО НА ГОСПОДА ИСУСА ХРИСТА

 

„А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан.“ (Марко 1,9.)

Особено значаен е празникот на Христовото крштевање во реката Јордан, затоа што со тој настан започнува Неговата Месијанска дејност. Од тој ден Господ Исус Христос почнал да го проповеда Евангелието. Затоа, можеме да речеме дека Јордан е почеток на Евангелието, а Христовото крштевање е почеток на спасението на луѓето. На Христовото доаѓање на реката Јордан за да „се крсти“ се зачудил и свети Јован Крстител и си велел: „Јас крштевам за покајание, и се крштеваат луѓето, оти имаат гревови, но како да биде крстен безгрешниот“. Господ Исус Христос, пак, се крстил, како што ветил Он, за да ја исполни Својата правда (Матеј 3,15; Псал.39,7-8). Тоа значи, да ги исполни сите одредби превидени за Него на предвечниот совет на Света Троица.

1. Господ Исус Христос се крштевал не затоа што имал потреба од крштение, но за да ја уништи главата на змијата-ѓаволот.

2. Се крштевал во реката Јордан, за да покаже симболично како во водата ја потопува и ја победува сатаната и неговата гордост, за да им понуди спасение на луѓето (Псал.73,12).

3. Се крштевал за да го измие гревот на човештвото и да го потопи во водата стариот Адам.

4. За да го благослови делото на свети Јован Крстител.

5. И најпосле, за да ја открие целата Света Троица: Синот се крштева, Светиот дух се појавува во вид на гулаб, а Отецот од небесата зборува и вели: „Ти си Мојот возљубен син“. Токму затоа овој празник се нарекува Богојавление.

6. А над се, Господ Исус Христос се крстил за да ни биде пример за нашето крштение.

7. И на крајот, за да ја востанови светата тајна крштение, велејќи им на апостолите, по воскресението: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“ (Матеј 28,19).

Христовото крштевање во реката Јордан, во основа значи, Христојавление, односно Богојавление.

Исусовото крштевање било со целосно потопување, а тоа значи дека требало да ги исчисти сите делови на човечкото тело, вели Св. Јован Дамаскин, „за да го измие гревот и да го потопи целиот стар Адам“.

(Марко.1,10- 11.) И кога излегуваше од водата, наеднаш виде како се отворија небесата, и Духот, во вид на гулаб, слегуваше над Него.

И се чу глас од небесата: – Ти си Мојот возљубен Син, Кој е според Мојата волја.

појавувањето на гулабот над Христа, на реката Јордан, има три значења:

Прво, го симболизира оној гулаб што го пуштил Ное од ковчегот и кој се вратил со маслинова гранка, најавувајќи дека настапува нов период на човековиот живот на земјата и дека е крај на Божјата казна (1.Мој.8-ма глава).

Второ, исто како Ноевиот гулаб, така и гулабот на реката Јордан го најавува почетокот на новата епоха – на христијанското време, времето на Светиот Дух и дејствувањето на Спасителот.

И трето, гулабот ги симболизира чистотата и мирот, односно, очистувањето од гревот, преку Христа Господа, и измирувањето на човекот со Бога.

Сите три лица од Света Троица се во трајно, неразделно единство. Тие секогаш се заедно и се едно. При крштевањето во Јордан се случува само нивна јавна манифестација, која ја виделе сите присутни, зашто тогаш највидливо се појавила Света Троица. Богојавлението што се случило на Јордан најдобро е искажано во тропарот на празникот Богојавление.

Тропар на Свето Богојавление

Кога во Јордан се крштеваше, Господи, се потврди поклонувањето на Света Троица: гласот на Отца сведочеше за Тебе и те нарече Свој сакан син; и Духот, во вид на гулаб, ја потврди вистината на Тоа сведоштво. Се јави, Христе Боже, и го просвети светот, слава Ти.

Извадок од: „Евангелие според Марко – толкување и проучување на евангелскиот текст“ проф. д-р. Ратомир Грозданоски, протоѓакон

Подготвил: Р. Илија

Свето Богојавление Тропар на глас 1.

Во Јордание крештајуштусја Тебе, Господи,

Троическое јависја поклонение,

Родителев бо глас свидетелствоваше Тебе,

возљубленаго Тја Сина именуја

и Дух в виде голубине

извествоваше словесе утверждение.

Јавлејсја Христе, Боже,

и мир просвештеј, слава Тебе