Беседа на празникот Богојавление, 2012 година

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Oд преголема љубов кон човечкиот род и со желба да го спаси од гревот и смртта, Сèмилостивиот Бог, на Предвечниот совет на Светата Троица, благоволил Второто Лице од Светата Троица да се воплоти и роди од света Дева Марија. Така, Синот Божји, Господ Исус

Христос, се воплотува во утробата на света Дева Марија и постанува човек во сè сличен на нас, освен во гревот. Тој ќе поживее на земјава триесет години, исполнувајќи ги сите обврски на дете и човек и прехранувајќи се со трудот и потта на сопствените раце. Кога ќе наполни триесет години, односно кога според еврејскиот закон ќе постане полнолетен, Христос ќе ја започне Својата месијанска улога во Светата земја – Палестина. Во тоа време, на реката Јордан, Јован Крстител ќе ја започне подготовката на Израелскиот народ за дочекување на Месијата, Спасителот на светот Господ Исус Христос. Тој ќе ја започне својата проповед со зборовите: „Покајте се, зашто се приближи Царството небесно“ (Мт. 3,2).

Толпи народ се собирал на бреговите на реката Јордан, каде свети Јован Крстител ги крштевал со покајно крштение, поучувајќи ги дека „тој крштева со вода, но по него доаѓа Оној Кој ќе крштева со Дух Свети“ (Мт. 3,11). Во една таква глетка на многуилјаден народ на брегот на реката Јордан, доаѓа и Синот Божји, Господ Исус Христос, за да прими крштение од раката на Јована Крстител. Волјата Божја, во моментот на крштевањето на Господа Исуса Христа, била на најјасен и очигледен начин да се открие Светата Троица и тоа: Второто Лице се крштева во реката Јордан, Светиот Дух во вид на гулаб слегува врз Него, а Бог Отец сведочи од небесата: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја“ (Мт. 3,17). Токму овој настан од животниот пат на нашиот Спасител, светата Црква денеска го прославува. Господ Исус Христос потоа ќе ја основа Својата света Црква и во неа ќе востанови повеќе свети тајни кои служат за спасение на човечкиот род. Но, прва и основна света тајна е светото Крштение, преку кое секој еден кој ќе се крсти станува член на едната, света, соборна и апостолска Црква. Преку крштевањето тој се удостојува да ги ползува и сите останати Божествени свети тајни на нашата света Црква.

И ние денеска, кои сме собрани на ова прекрасно Бело Езеро, да ги послушаме зборовите на свети Јован Крстител, та и ние да се измениме, препородиме, осветиме и да ги отвориме нашите срца и души. Господ Исус Христос Кој денес се крштева и нас да нè просвети, та да го примиме Неговото крштение како почеток на нашето покајание и да го измениме нашиот живот. Да го оставиме гревот и злото, а да го примиме и засакаме доброто, светото, мирољубивото, возвишеното, да правиме добри дела и да Го исповедаме вистински Господа Исуса Христа, за да добиеме вечен живот, сега и во сета вечност. Амин!

19.01.2012 година, На Голем Водосвет на празникот Богојавление на Охридско езеро, Охрид