Беседа на празникот Богојавление, 1990 година, Охрид

И ете, глас од небесата говореше: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!“(Мт. 3, 17)

Драги браќа и сестри!

Пред дванаесет дена го прославивме светлото Рожденство на нашиот Господ и Спасител Исус Христос, а денес го прославуваме и Неговото крштение на реката Јордан.

Почитувани браќа и сестри, поминаа многу векови од тој настан. Се заборавија многу нешта, многу дела создадени од луѓето исчезнаа, но настаните од животот на Исуса Христа се вечно живи. Секое спомнување на нив, кај нас побудува радосни чувства. Тие настани ја освежуваат и радуваат душата на човекот, и со чудесна светлина ни ги осветлуваат патиштата во нашиот живот. Потребно е да се задлабочиме во нив и да ја пронајдеме јасната поука која тие ни ја упатуваат нам.

Крштевањето Господово кое денес го прославува светата Православна црква, е настан со инзоредна важност , бидејќи од овој настан произлегува и смислата за нашето крштение. Тоа е поврзано со едно натприрдно, чудесно јавување на Светата Троица во Три Лица. Самиот Бог Отец, посведочувал од небесните висини: дека Исус од Назарет, Синот на Марија, е Христос Господ – Син на Бог Отецот; се јави и Духот Свети во вид на гулаб. Со тоа јасно се потврди основната христијанска вистина, дека Бог е троичен по Лица, и дека наш создател и спасител е Бог Троица, Бог Отец, Бог Син и Бог Дух Свети. Затоа, впрочем, и денешниот празник се вика Богојавление.

Да се потсетиме накратко за тогашните услови и прилики кои владееле, во времето кога се крстил нашиот Спасител Господ Исус Христос. Покрај пустинските брегови на реката Јордан се појави невообичаен пророк. Живеел во пустина; се хранел со див мед и корења од растенија. Се облекувал со груба облека и бил препашан со кожен појас. Неговото лице носело подвижнички израз; зборувал вдахновено и најстрого ги изобличувал грешниците, повикувајќи ги на покајание. Но, тој за себе не велел дека е Месија, туку: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети!“(Мк. 1, 7-8). И понатаму вели: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!… Лопатата е во рацете Негови и Он ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне“(Мт. 3, 2 и 12).

Страв и трепет ги зафати сите оние што ги слушале овие зборови. Сите почувствувале дека ќе настапи ново време, и побрзале да се подготват. Настанало силно раздвижување, и толпи народ од цела Јудеа доаѓале и се собирале крај реката Јордан, таму дури биле присутни и гордите фарисеи и безбожните садукеи. Сиот народ се измешал и пристапувал кон свети Јован, Пророкот и Претечата, ги исповедале своите гревови и барале прошка. Во знак на откажување од нивниот стар живот, ги соблекувале своите облеки, а свети Јован Крстител ги потопувал во реката Јордан.

Меѓу присутните кои дошле, бил и Спасителот Исус Христос, и Он побарал да се крсти. Тогаш свети Јован Му рекол: „Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли – доаѓаш? Но Исус му одговори и рече: ´Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда.´ Тогаш Јован Го остави (Мт. 3, 13-15).

Се поставува прашањето, зошто било потребно Исус Христос да се крсти. Он немал гревови. Од самото детство бил чист, преуспевал во мудроста и љубовта кон Бога и луѓето (Лк. 2, 52). Он немаш што да исповеда, што да мие, што да чисти, и затоа, поради тоа немал потреба од кршение.

По триесет години живот со неговата почитувана Мајка – Богородица Марија, тој требало да го започне спасителното дело, заради кое всушност и дојде во овој свет. Неговата мисија беше да ги просвети луѓето, да ги препороди со вода и Дух Свети и да ги спаси. Затоа било потребно, Бог Отецот да го посведочи Него, дека Он е Неговиот возљубен Син. Како што вели свети Јован: „Јас не Го познавав, но дојдов да крштавам со вода, за да биде Он објавен на Израилот“(Јн. 1, 31). Преку оваа објава и сведочењето на Бог Отецот, Израилот се уверил, дека е дојдено долго очекуваното време, дојде Месијата и Спасителот на светот, Кој бил пророкуван и очекуван од многу пророци пред него. Затоа, ова претставувало еден вид на вовед или објава на Месијанската дејност Христова, вовед во неговата мисија, да му ја јави на светот благата вест за Царството Божјо, веста за спасението на светот, да ја објави волјата Божја, и да ја проповеда со збор, дело и спасителна благодат.

Самиот обред на крштевање, во себе содржи светотаинска духовна димензија. Крштевањето за сите луѓе значи врата за влегување во Царството Божјо. Самиот Господ Исус Христос вели: „Вистина, вистина ти велам: ако некој не се роди одозгора, не може да го види царството Божјо.„(Јн. 3, 5). Тоа значи дека, таквиот не може да биде член на Црквата Божја тука на земјата, а со тоа ниту, пак, на Царството Божјо и блажен живот на оној свет.

Поради сето ова било потребно Господ Исус Христос да биде крстен. Самиот Он, требало да добие легитимитет да го објави и претстави Царството Божјо тука на земјава, а за сите луѓе да отвори можност преку крштението и животот во Црквата Божја да стигнат до спасение, Царсто Божјо и блажен живот. Секој младенец се раѓа со прародителскиот грев. Преку оваа тајна се очистува од тој грев. Кога ќе излезе од купелот при кршението, излегува очистен од гревот, а кога ќе се миропомаза, над крштеваниот слегува Светиот Дух, и го удостојува со неопходните дарови за физичко и духовно растење.

Нека е слава и голема благодарност на Троичниот Бог, сега и во сите векови! Амин!

19.01.1990 година, На празникот Богојавление,

Црква света Богородица – Каменско, Охрид