
Мозаик од манастирот „Св. Лука“ – Грција 11 век
Виктор Недески
Богојавление е еден од најголемите христијански празници. Во првите векови од христијанството, на овој празник се прославувале повеќе настани, кои подоцна се издвоиле како посебни празници, па така, главен мотив на овој празник останало Христовото крштение и објавувањето на Света Троица на реката Јордан. Значењето на овој празник се покажува од историските извори кои сведочат дека по празникот на Христовото воскресение, Богојавление е најстариот христијански празник. Чинот на Христовото кршение има огромно теолошко значење, па затоа, покрај ликовното изобразување на евангелскиот опис на кршението, иконата на Богојавление има за цел да ги изрази и духовната димензија и повозвишеното значење на овој настан.

Новогород – Русија 15 век
На иконата на Богојавление, Христос се изобразува помеѓу две издигнати карпи кои формираат клисура, во која тече река. Неосветените води ја симболизираат смртта, односно уништувањето преку потопот. Карпите, кои се среќаваат и на иконата на Раѓањето Христово, како и на иконата на Христовото слегување во Адот, го симболизираат паднатиот и помрачен свет кој сè до Христовото доаѓање се наоѓал под власта на Адот. На иконата на крштението е претставен Христос како влегува во реката, односно во „водниот гроб“. На некој начин, влегувањето на Христос во водите е предобраз на Неоговото слегување во Адот, со цел да го врзе владетелот на овој свет. Токму затоа и свети Кирил Ерусалимски забележува дека Исус „слегувајќи во водите го врза силниот“.
Во раните христијански претстави на Богојавлението од IV и V век, Христос се изобразува како голобрадо момче, а на некои претстави од првите векови, Христос е изобразен и како доста помал по раст од свети Јован Крстител. Се претпоставува дека на овој начин иконографот сакал сликовито да ги изрази зборовите на свети Јован Крстител: „Тој треба да расте, а јас да се смалувам“ (Јн. 3, 30), кои се однесувале на Спасителот Христос, Кој во овој миг излегувал на проповед.
Влегувањето на Христос во водите на Јордан го означува и осветувањето на „течниот елемент“, кој е основа за животот на целото создание, па затоа го означува и осветувањето на сите созданија, зашто поради гревот на човекот „сите созданија заедно со нас воздивнуваат и тажат досега“ (Рим. 8, 22).
На иконата, Христос стои среде Јордан гол или со светла покривка врзана на половината. Голото тело го означува реалниот, а не привиден карактер на Христовото воплотување. Облечен во Адамовата голотија, Тој му ја враќа на човештвото славната рајска облека. Често Христос се изобразува како со десната рака или со двете раце ги благословува водите и ги подготвува за осветувањето кое се случува со Неговото влегување во нив. Христос немал потреба Самиот да биде осветен и очистен, бидејќи примајќи ја целосно човечката природа, Тој останал туѓ на гревот. Така, Христос го примил крштението од Јован од смирение и од почит кон човечкото предание. Крштевајќи се, Тој не бил осветен од водата, туку Самиот ја осветил Јорданската вода и заедно со неа целото создание.

Mинијатура од ракопис од манастирот Дионисијат – Света Гора
Христос обично се изобразува со едната нога напред пред другата, што го отсликува Неговото настојување да биде крстен од Јован, како и Неговата подготвеност да започне со Својата јавна проповед. Јавното сведоштво на свети Јован Крстител дека Христос е „Јагнето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот“ (Јн. 1, 29), станало повод многумина да тргнат по Него. На некои икони на крштението, Христос е насликан како гази на една плоча, од под која излегуваат змии во обид да се спасат. Оваа претстава е инспирирана од Псалмите и го отсликува стихот: „Боже, со силата Своја Ти го расече морето и ги сотре главите на водните страшила“ (Пс. 73, 13).
Често во реката Јордан околу телото на Христос се сликаат и риби. Во долниот дел на некои претстави се издвојуваат една жена и еден старец кои јаваат на грбот на големи риби. Жената претставува персонификација на морето, а старецот – персонификација на Јордан. На некои икони, старецот во рацете држи амфора од која тече вода. Овој мотив е инспириран од псаломскиот стих: „морето виде и избега; Јордан се врати назад“ (Пс. 113, 3).
Свети Јован Златоуст гледа длабока алегорија во враќањето на Јордан. Оваа река извира до два извора. Едниот се вика Јор, а другиот Дан. Со соединувањето на овие две реки се создава Јордан, кој се влева во Мртвото море. Така, и човечкиот род произлегува од двајца прародители – Адам и Ева. По отстапувањето од Бога, човечкиот род се движел во грев и се наоѓал во духовна смрт, чија алегорија е Мртвото море. Со Своето воплотување, Спасителот Христос ја ослободил човечката природа од ропството на распадливоста и смртта, што резултирало со тоа и реката Јордан да се врати назад, не сакајќи да се умртви.

Детал од мозаикот во манастирот „Св. Лука“ – Грција 11 век
Христовото крштение се нарекува и Богојавление. Објавувањето на Света троица ликовно се изобразува преку сликањето на раката на Отецот која благословува од небесната слава. Небесната слава е претставена како круг или полукруг од кој излегуваат зраци светлина, кои ги осветлуваат гулабот – симболот на Светиот Дух. Во овој миг, Отецот сведочи за божеството на Синот, нарекувајќи Го Свој возљубен Син. Синот, Кој се крштева во Јордан го осветлува целиот свет, ослободувајќи го од власта на Сатаната. Светиот Дух Кој се симнува во вид на гулаб, го потврдува сведоштвото на Отецот.
Според свети Јован Дамаскин, како и во случајот со потопот и гулабот со маслиновото гранче, така и овде, гулабот е симбол на мирот. При создавањето на светот, Светиот Дух лебдел над првобитните води и го покажувал животот (1 Мојс. 1, 2). Така и сега при крштението, Духот се јавил над Јорданските води како симбол на новото создавање и обновувањето во Христос.
На левата страна од иконата е претставен свети Јован Крстител, кој со почит и смирение се наведнува над Христос. Тој е свртен кон Светиот Дух, Кој доаѓа во вид на гулаб. Неговата десна рака ја допира Христовата глава. Косата му е разбушавена, а брадата ретка. Изразот на неговото лице е строг и сериозен, а телото му е слабо и исушено и го отсликува неговиот испоснички живот во пустината. Носи облека од камилски влакна, а препашан е со кожен ремен (Мт. 3, 4). На некои икони блиску до свети Јован е изобразена и секира забиена во стебло. Тоа ги симболизира зборовите на Кристителот: „Секирата веќе лежи при коренот на дрвјата; затоа секое дрво, што не дава добар плод, се сече и се фрла во оган“ (Мт. 3, 10). Со овие зборови се изразува божествената правда која ги издвојува плодните од бесплодните дрвја.
Иако Евангелието не сведочи за присуството на ангели на овој настан, од периодот на VI-VIII век, во десниот дел од иконата, на спротивната страна од свети Јован Крстител, почнуваат да се изобразуваат ангелите. Тие се сликаат со прекриени раце испружени кон Христос, со што се покажува нивната подготвеност да Му служат. Подоцна, на некои икони, на брегот на Јордан се изобразуваат и луѓе кои се соблекуваат за да се крстат.
Големата богословска порака на Богојавленската икона покажува дека православната Црква поседува непроценливо богатство не само во областа на богослужението и светоотечките дела, туку и во црковната уметност. Во оваа икона, Црквата не препознава само средство за поучување на верните, или само сликовит приказ на еден Евангелски настан, туку израз на најдлабоките богословски вистини на Божјото откривање во историјата на човечкиот род преку јавувањето на Троичниот Бог на реката Јордан, онолку колку што беше можно Тој да му се открие на човекот.

Една од првите фрески Крштение Господово во римските катакомби 3 век

Црква „Св. Никола“ – Зрзе, Крштевање, средина на 16ти век

Мозаик од аријанската крстилница (баптистериум) во Равена

Мозаик од манастирот „Неа Мони“ остров Хиос – Грција 11 век