Беседа на празникот Богојавление, 1998 година Струга

Зошто Господ Исус Христос – Синот Божји, Кој е дојден во светот со својата безгрешност да ја исцели секоја душа, секој грев и повторно луѓето да ги присоедини кон Божијот живот- барал од свети Јован Крстител да Го крсти? Зошто било потребно Свети Јован да Го крсти Христа во реката Јордан? Тоа е прашањето што се родило и во срцето на Свети Јован Крстител: “ Ти треба мене да ме крстиш, а Ти доаѓаш кај мене?”

Црквата го дава на ова прашање следниот одговор: примајќи крштевање од Свети Јован Крстител, Христос Себе си Се поистоветил со сите луѓе; со сите, без исклучок; со грешниците, со сите оние на кои им е неопходно простување на гревовите, духовна обнова и спасение. Примајќи крштение од Јована, Христос Себе се поистоветил со сите нас и со секој од нас посебно. Со своето крштение Христос сведочи дека е дојден во светот за да не ги суди светот и луѓето. Тој исто така не е дојден за однадвор и од висина и Своето совршенство и Божество да ни даде некаков закон и правило, туку да би се соединил со нас, да би постанал еден од нас, и со тоа, нас да не направи учесници на Својот Совршен и безгрешен живот.” Еве го Јагнето Божјо, кое на себе ги зема гревовите на светот!”, вели Свети Јован Крстител кога Го видел Христа. Христос е дојден во нашиот свет како Дете, и со Своето раѓање ја примил нашата човечка природа, правејќи ја и Своја природа. Синот Божји постанал и Син Човечки. Но, Христос на земјата е дојден не заради праведниците, туку поради грешниците и оние кои пропаѓаат. Нив ги засакал со Својата саможртувана љубов, и за нив се жртвувал Самиот Себе. И еве, во крштението што го примил од Јована Крститела Он, безгрешениот, постанува едно со нас грешниците. Он како Спасител постанува едно со нас кои пропаѓаме. – Се покажува дека сите гревови заедно – се ништо, спрема бескрајната љубов Божја кон луѓето.

Христос со своето Раѓање и Крштевање се соединува со грешното човештво, за конечно, Он – Бессмртниот, доброволно на Крстот да се соедини со човекот и со смртта.

Сето тоа сведочи дека Христос сака нас да не спаси со љубовта и тоа исклучиво со љубовта, а таа секогаш е пред сè, соединување со оној кого го сакаш. Како што има речено пророк Исаија:” Он на себе ќе земе повеќе нашите слабости и маки, и ќе ги понесе нашите болести, и со Неговата рана ќе бидеме исцелени…”.

Но, тука е и онаа другата, уште подлабока, порадосна смисла на Крштението на нашиот Господ и Спасител во водата на Јордан.

После Богојавленската литургија, верниот народ излегува пред храмот каде свештениците извршуваат чин на осветување на Богојавленската вода. И, започнува да се разлева радосната песна од псалмот “ Гласот Господов е на водата…” Гледајте, започнува во чинот на водоосветувањето да им се открива смислата и значењето на водата како слика на светот и животот и на севкупното создание. И токму во таа вода се спушта, во неа се потопува, со неа се соединува Бог, Кој е дојден во светот за да го обнови и да го спаси овој свет. Светот отпаднал од Бога, светот го заборавил Бога, светот постанал слеп за Бога, и се потопил во гревови, темнина и смрт. Но, Бог не заборавил на светот. Бог ни го враќа тој свет, но сега како свет кој повторно блеска и свети со слава и сјај на својата првосоздадена убавина. “ Кој е жеден нека дојде кај Мене и нека се напие. Кој верува во Мене – како што пишува во светото Писмо – од утробата негова ќе потече жива вода” вели Христос. Во тој богообновен свет, апсолутно сè, вклучувајќи ја и материјата, сето создадено во светот – одново постанува пат на човек кон Бога, средство за општење на човек со Бога, средство за растење на луѓето во жив и вечен Божји живот. Токму тоа доаѓање Божјо кон Неговата творба, го празнуваме во радосниот и светиот ден на Богојавление. “Излегувајќи од водата – небесата се отвараат” – се вели во Евангелието за Христа.

Ние не можеме да знаеме што точно почувствувал Јован Крстител кога со растреперената рака го допрел Спасителот, кога ги видел отворени небесата и го слушнал гласот од висините “Овоа е Мојот Син”. Но, без сомневање, тоа е битен момент на заслепувачка светлина во која сè блескало и се распламтувало со радоста на првосоздадената убавина, во која светот се открил како свет Божји – како очистен, измиен, обновен свет, свет преисполнет со пофалби и благодарности. “Христос доаѓа да ја обнови сета твар”, – пее една црковна песна. На Богојавление ние го гледаме свештеникот кој го попрскува храмот со нова, света и божествена вода, кој потоа не попрскува и нас, нашите домови, сета природа и целиот свет. Ние гледаме како луѓето трчаат кон таа света вода на животот, која тече кон живот на вечноста. И ние празнувајќи го празникот на Крштението Господово, всушност, ја празнуваме обновата на севкупниот живот. Така, секој кој е жеден доаѓа кај Христа и добива од Него дар – вода жива; нов, чист и обновен живот.

19.01.1998 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски Водосвет на река Црни Дрим – Струга