Беседа на празникот Богојавление, 1986 година, Порт Кембла

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

„И јас видов и посведочив, дека е Овој Син Божји“ (Јн. 1, 34).

„Еве Го јагнето Божјо“

На денешен ден, Богојавление, била вонредна глетката за голем број луѓе кои се движеле од Ерусалим и другите Израелски краишта кон реката Јордан. Луѓето оделе кон свети Јован Крстител да ги крсти со вода и покајно кршение. Јовановото име во тоа време било прочуено по сите Израелски краишта. Израилскиот народ многу долго време и жедно очекувал ваков пророк, духовен јунак, учител, испосник и пустиножител, каков што бил свети Јован Крстител. Затоа, Јовановиот глас брзо се раширил по сиот Израил, и многумина, слушајќи го тој глас, поитале на реката Јордан. Помеѓу мноштвото собран народ се наоѓал и Исус од Назарет; стоел помеѓу грешници, иако Самиот не знаел за грев. Дошол и стоел помеѓу покајници, иако Самиот немал за што да се кае. Пристапил кон Јована Крстител да се крсти во реката Јордан како и неговите сонародници, но не од чувство на потреба за да ги измие своите гревови, туку „… зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“(Мт. 3, 15).

Во тоа мноштво на собран народ, Месијата – Господ Исус Христос не бил забележан. Он всушност и со ништо надворешно не се одвојувал од другите луѓе кои биле собрани. Со тоа се исполнило пророштвото кое вели:

„Зашто изникна Он пред него како младо дрвце и како стебленце од сува земја; нема во Него ни изглед, ниту величие; ние Го видовме, и во Него немаше изглед, што ќе нè привлекува кон Него“ (Ис. 53, 2). Меѓутоа, свети Јован Крстител веднаш го препознал. Очите кои секаа како молња, станаа благи и кротки како кај гулаб. Устата Јованова, која дотогаш грмела со покајни слова, како глас на лав во пустињата, наеднаш замолкнала. Јован тивко и умилно проговорил: „Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“(Јн. 1, 29).

Јагнето оди и на пасиште и на кланица, подеднакво послушно на својот пастир. И свети Јован Крстител тој ден сигурно ја доживеал чудната визија за Месијата. Овој, Исус, оди денеска еднакво послушен како јагне за да се крсти на реката Јордан, а потоа исто така покорно и послушно ќе оди на страдање и распнување на Голгота. Заради таа Негова послушност и кротост, свети Јован Крстител го нарече Јагне. Тоа било посебно доживување што го имал свети Јован Крстител тој ден. Затоа понатаму свети Јован сведочи и вели: „Го видов Духот да слегува од небото како гулаб и остана над Него… И јас видов и посведочив, дека е Овој Син Божји„(Јн. 1, 32 и 34).

Голем Боговидец. Месијата носел иста облека како и Неговите сонародници. Зборувал народен јазик, не поразличен од останатите. Рацете му биле со траги од напорна работа, исто како и рацете на останатите околу Него, било да се Галилејски селани, работници или рибари. Се поставува прашањето, како го препознал Месијата светиот Јован Крстител, ако пред тоа никогаш го немал видено. На ова прашање одговорот го дава токму свети Јован: „Јас не Го познавав, но Оној, Кој ме прати да крштавам со вода, ми рече: ´Врз Кого видиш да слегува

Духот и да останува над Него, Тој е, Кој ќе крштава со Дух Свети´„ (Јн. 1, 33). Значи, тоа било духовно видување и препознавање на свети Јован Крстител, кој бил самиот голем духовник, подвижник, светител и човек Божји. Затоа и не случајно тој бил оној кој можел да го види и препознае Бога – Боговидец. Во личноста на Господа Исуса Христа го препознал Месијата – Синот Божји и Спасителот на светот. Го видел небото отворено и Духот Божји како слегува врз Него. Во исто време слушнал и глас од Отецот Небесен Кој велел: „Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!„(Мт. 3, 17).

Покајание и Боговидение. Покајанието била основната идеја со која живеел свети Јован Крстител, и главната мисла која ја проповедал. Бил сосема свесен за неговата мисија, дека всушност тој како претеча (претходник), треба да ги приготви патиштата Господови. Затоа, барал од Израелците да ги изменат своите лоши навики, да го поправат своето лошо однесување, да се ослободат од ропството на гревот и да се излечат од духовното слепило кое завладеело кај нив. Тоа се најважните услови луѓето да се спремат и подготват за да можат да го сретнат долго очекуваниот Месија, да Го прифатат и проживеат Богојавлението и Боговидението. Доколку е поинаку, тогаш и покрај тоа што имаат и очи и уши, не ќе можат да Го видат со очите свои, ниту да Го слушнат со ушите свои, Месијата и Спасителот на светот. Само чистите по срце се блажени и ќе можат да го видат Бога, како што Самиот вели: „Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога!“ (Мт. 5, 8)

Драги браќа и сестри! Истите тие услови ни се потребни и нам денеска за да можеме да го доживееме Богојавлението и Боговидението. Потребно е да се промениме и поправиме, исправиме и покаеме. Пораката на свети

Јован Крстител упатена е и кон нас: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“(Мт. 3, 2). Облагородете се, покажете повеќе милосрдие, повеќе љубов, повеќе вера, повеќе надеж, простување и самоодрекување. Ако не биде така, тогаш животот ќе биде безмислен, некорисен и безцелен. Ваквиот живот ќе наликува на нива среде безводна земја, која ќе стане неплодна пустина.

Да се потрудиме драги браќа и сестри, и ние да ги исполниме тие услови со цел да можеме и ние вистински и суштински да го доживееме овој голем празник на Богојавлението и Боговидението, на Пресветата и Пречиста, Неразделна и Единосушна Троица, Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин!

19.01.1986 година, На празникот Богојавление,

Црква Свети Климент Охридски, Порт Кембла, Австралија