Беседа на празникот Богојавление, Охрид, 2001 година

За светата вода

Триесет години нашиот Спасител Господ Исус Христос со ништо не се истакнувал – живеел домашен живот. Во тоа време, се пројавило посебно движење во народот. Ние тоа движење можеме да го наречеме масовно крштевање. Тогаш луѓето доаѓале кај Јован Крстител и ја примале обредната страна на крштевањето, односно, потопување или погрузување во вода. Свети Јован Крстител ги предупредувал луѓето за тоа дека неговото крштевање не се појавува како Света Тајна, туку како обред: “Јас ве крштевам со вода за покајание”(Мт. 3, 11).

Тој прорекувал за Христа и говорел, дека, Христос наместо крштевање ќе направи потполно преобразување на луѓето: “Он ќе ве крсти со Дух Свети и огин” (Мт. 3, 11).

Нашиот Господ како сесилен можел да ги препороди луѓето и без помош на водата, но Он ја избрал водата како неопходно средство.

Може да биде тоа и затоа што водата уште во самиот почеток на создавањето му служела на Божјиот домострој. Да си спомнеме дека на самиот почеток на светот “Духот Божји лебдел над водата” (Бит. 1, 2).

И еве, Христос доаѓа на реката Јордан, каде што имало многу луѓе, многу вода, и луѓето примале крштение од Јован. За да ги поддржи тие луѓе, и Христос се крстил. Но произлегува нешто совршено ново: кога Христос излегувал од водата, се отвориле небесата, Духот во вид на гулаб слегол над Него, и глас се слушнал од Небото: “Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја” (Мк. 1, 11). Поради ова и празникот Крштение на Господа се нарекува уште и Богојавление. Последиците од тоа биле огромни. “Исус исполнет со Дух Свети, се вратил од реката Јордан и бил поведен од Духот во пустината. Таму 40 дена бил искушуван од ѓаволот и ништо не јадел и не пиел тие денови” (Лк. 4, 1-2). Водел борба со ѓаволот и го победил. Ѓаволот, откако се убедил дека е победен, “отиде од Него, за некое време”(Лк. 4, 13). Христос Спасителот отворено му се открил Себеси на народот: благовестувал, исцелувал, правел чуда. Со тоа, Христос укажува дека и нам во процесот на спасението ни е потребна благодатна вода. “ако некој не се роди од вода и Дух, не може да влезе во царството Божјо” (Јн.3, 5). Во овие зборови има и поинакво кажување, но има и укажување на дејствителната вода: “Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода”(Јн. 7, 38). Не случајно Црквата така многу го применува и осветувањето на водата. Таа донесува радост, очистување и зацврстување. Истовремено произлегува и видливото и невидливото. Спасителот ја засилува нашата љубов кон светата вода кога вели: “Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие”( Јн.7, 37).

Можеме да наведеме уште многу примери за дејството на светата вода и од Стариот завет. Светата вода е присутна отсекојпат во животот на верните луѓе.

Видете, драги браќа и сестри, како во нашиот живот примерите ни укажуваат на реалност, дури самата реалност не може да биде видена потполно без образец или пример. Затоа, да бидеме со благоговен трепет, да пристапуваме кон водоосветувањето, да ја примаме светата вода и да се потрудиме да живееме со таков духовен живот кој нè води во вечен живот. И годишново водоосветување што го извршуваме на нашето Охридско езеро, нека биде света Јорданска вода за нашите православни верници кои што тука традиционално се собирате, нека ги освети нашите души и тела, нашите домови, нашиот град и целата наша земја. За многу години нека се ВОДИЦИ. Амин!

19.01.2001 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски Водосвет на Охридско Езеро – Охрид