Беседа на празникот Богојавление, Охрид, 2005 година

Драги браќа и сестри,

“Покајте се, зашто се приближи царството небесно”! (Мт. 3, 2).

Во светото евангелие според Матеј ни се опишува една ретко убава глетка. На денешен ден од сите страни на Ерусалим како и од другите краишта на Палестина брзаат луѓе кон реката Јордан, на повикот на свети Јован Крстител:”Покајте се, зашто се приближи царството небесно” (Мт. 3, 2). Таа голема народна толпа се брза кон реката Јордан да ја слушне громогласната проповед на Јован Крстител, кој повикува на

покајание заради крштавање од Јована со вода; потоа да можат да се крстат со вода и Дух Свети од Оној, Кој сега со таа народна толпа доаѓа и Он да се крсти од Јована. Доаѓа на крштавање Оној кој грев нема. Но да им ги покаже потребата и примерот за крштавање, на грешната народна маса меѓу која и Го гледаме. Дошол да “ја исполни правдата”(Мт. 3,15).

Стоел Исус како обичен граѓанин, во народна облека, како работник помеѓу работници, со плускавици на своите раце, со изгорено лице од топлото Палестинско сонце, кого никој не го познал. “Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштавам со вода, ми рече:’Врз Кого видиш да слегува Духот и да останува на Него, Тој е, Кој ќе крштава со Дух Свети. И јас видов и посведочив, дека е Овој Син Божји” (Мт.1, 33-34). Од ова се заклучува дека тоа е духовно видување на Јован Крстител. Јован беше голем испосник и праведник; духовник и Божји човек; човек со чисто срце; а во светото евангелие се вели: “Блажени се чистите по срце, оти тие ќе Го видат Бога”! (Мт. 5, 8). Свети Јован го видел Бога како човек со чисто срце, па затоа и бил удостоен со таа голема чест. Он на реката Јордан пак бил удостоен да доживее и да види чисто и јасно БОГОЈАВЛЕНИЕ, односно јавување на светата Троица во трите лица. Во лицетно на крштеваниот Христос, го препознал Месијата, го видел отворено небото и Духот Свети како слегнува како гулуб на Христа, го слушнал и гласот од небото на Отецот небесен, Кој посведочил дека Оној кој се крштава е неговиот возљубен Син.

“Покајте се, зашто се приближи царството небесно”(Мт. 3, 2). Овие зборови се главната мисла во проповедта на Јована. Неговата мисија се состои во тоа: да го подготви патот Господен; да ги израмни Неговите патеки. Затоа категорично барал од присутните негови сограѓани, да се покајат и да покажат достоен плод на своето покајание, бидејќи тоа е 85

битен услов за дочек и прием на Месијата: со чисто срце, и како очистени, да го прифатат Спасителот и да го доживеат и тие како Јована, БОГОЈАВЛЕНИЕТО И БОГОВИДЕНИЕТО.

Драги верници, и на нас денес свети Јован ни го упатува овој спасоносен повик:”Покајте се”! Тој бара и ние да го подготвиме нашиот пат; да ги очистиме нашите срца од лошите помисли, и штетни желби. Да ги отфрлиме сите нечесни зборови од нашите усти, кои ни се дадени да Го славиме Бога. Да ги отфрлиме и сите лоши дела кои се натрупани во нашите души. Со тоа ќе го подготвиме патот на Господа, да може непречено да се всели и во нашите души. На тој начин би можеле во нашите срца и души да го почуствуваме присуството на светата Троица и духовно да го доживееме Богојавлението. Амин!

 

19.01.2005 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски Водосвет на Охридско Езеро – Охрид