Беседа на празникот Богојавление, Охрид, 2004 година

Во името на Отецот Синот и Светиот Дух!

“И јас видов и посведочив, дека е овој Син Божји”(Јн. 1.34).

На денешен ден била извонредно голема поворка од народ која се движела од Ерусалим и другите израилски краишта кон реката Јордан. Луѓето доаѓале Јован Крстител да ги крсти со вода на покајание. Јовановото име се беше прочуло по целиот Израил. Времето долго и жедно го чекало и дочекало овој голем пророк, духовен јунак и учител, испосник и пустиножител. Затоа гласот за Јован Крстител брзо се раширил по Израилот. Пошле многу луѓе на реката Јордан. Меѓу нив бил и Исус од Назарет. Стоел помеѓу грешниците, и покрај тоа што бил и Самиот без грев. Дошол со покајниците и покрај тоа што Самиот немал зошто да се кае. Пристапил кон Јована да се крсти во Јордан како и сите негови сонародници, не од чуствување потреба да ги очисти своите гревови, туку да “се исполни сета правда”, како што се вели во Евангелието (Мт.3, 15).

Во таа голема толпа на народ Месијата не бил забележан. Со ништо Он не се издвојувал, ниту, пак, паѓал во очи како посебна личност на овој необичен собир на луѓе. Се исполнило она пророштво кое вели: “Го видовме и беше ништо за очите” (Иса. 42, 2). Меѓутоа, Јован веднаш Го познал. Очите кои светеле како молњи, постанаа благи како на гулаб. Замолча Јовановата уста која до тој момент грмела како лав во пустиња. Јован тивко и умилно рече: “Еве Го Јагнето Божјо

Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе” (Јн. 1, 29).

Месијата носел иста облека како и Неговите сонародници. Зборувал народен јазик. Рацете му биле полни со плускавици како и на останатите галилејски селани, работници и рибари. Како тогаш Јован Го познал и покрај тоа што порано никогаш Го немал видено? На ова прашање одговара Крстителот: “Јас не Го познавав, но Оној, Кој ме прати да крштавам со вода, ми рече: “Врз кого видиш да слегува Духот и да останува над Него, Тој е, Кој ќе крштава со Дух Свети” (Јн. 1, 33). Значи, тоа било духовно видение на Јована. Јован бил голем духовник, свет, Божји човек. Затоа бил и боговидец. Сосем јасно и чисто го доживеал Богојавлението на реката Јордан. Во личноста на Исуса Христа Го препознал Месијата – Синот Божји, Спасителот на светот. Ги видел и небесата отворени и “Духот Божји како слегнува во вид на гулаб врз Него”. Во исто време слушнал и глас на Отецот небесен Кој говорел: “Овој е Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја” (Мт. 3, 16).

Покајанието била главна идеја со која живеел и главна мисла што ја проповедал Јован Крстител. Бил сосема свесен за својата мисија како Претеча: „…да го приготви патот на Господа и да ги исправи патеките Негови”(Мт.3, 3). Затоа барал од Израил луѓето да ги изменат своите лоши навики, лошото однесување, да го корегираат нивното однесување и да се поправат, да се ослободат од ропството гревот и да се излечат од слепилото на секаков вид. Тоа се најбитни услови луѓето да се оспособат да Го сретнат долгоочекуваниот Месија, да Го прифатат и да го доживеат богојавлението и боговидениеето. Поинаку, и покрај очи, нема да видат, и покрај уши, нема да чујат. Единствено оние кои што ќе бидат со чисто срце, ќе бидат “блажени”, бидејќи тие ќе го видат Бога (Мт. 5, 8).

Овие исти услови и на нас денеска ни се неопходни да го доживееме богојавлението и боговидението. Потребно е ние да се измениме, поправиме, исправиме и покаеме. Јовановата поука е упатена и на нас денеска: “Покајте се, зашто се приближи Царството небесно” (Мт. 3, 2). Облагородете се, покажете повеќе милосрдие, повеќе љубов, повеќе вера и надеж, повеќе опростување и самоодрекување. Поинаку животот би бил бесмислен, некорисен и залуден. Ќе личи на неплодна нива во безводна пустина.

Тоа се условите и ние денеска да го доживееме овој голем празник, да доживиме богојавление и боговидение на Пресветата и Пречистата Троица – на Отецот Синот и Светиот Дух. Амин.

 

19.01.2004 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски водосвет на Охридско Езеро –Охрид