Беседа на празникот Богојавление, Охрид, 2003 година

Драги верници!

Сосема мали се подробностите за земниот живот на Господа Исуса Христа пред Неговото крштевање, кои ги опишуваат четворицата св. евангелисти. Спасителот, Кој вистински се потрудил ”да ја исполни секоја правда” (Мт. 3, 15), чекал да исполни 30 годишна возраст, која била задолжителна по еврејските обичаи за секој свештеник и учител и, пред да излезе на јавна проповед, примил крштевање од својот Претеча – свети Јован Крстител. Непосредно пред тоа, Свети Јован започнал по Божја заповед да проповеда покајание “во Витавара отаде Јордан”(Јн. 1, 28).

И ете, Тој Богочовекот Христос, дошол “од Галилеја на Јордан при Јована, за да се крсти од него. А Јован го запираше и велеше: ”Јас треба од Тебе да бидам крстен, а ти при мене ли идеш”? Но Исус му одговори и рече: ”Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда. Тогаш Јован го остави”(Мт. 3, 13-15). “А кога се крсти Исус, се отвори небото и Духот Свети слезе врз Него во вид на гулаб” (Лк. 3, 21-22). И ете, се чу глас од небесата кој говореше: ”Ова е мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја!”(Мт. 3, 17).

За време на крштевањето на Господа Исуса Христа, се објавила на светот оваа голема тајна, која Стариот Завет ја загатнал, а врз која древниот Египет и Индија само баснословеле. Тоа е тајната на Божествената Троица. Како што рековме на почетокот, овој празник во црковниот календар се именува СВЕТО БОГОЈАВЛЕНИЕ, затоа што при крштевањето на Господа Исуса Христа, Бог се јавил во три лица: се чул од небото глас од Бога – Оца; се крштевал Синот Божји, а врз него слегол Светиот Дух во вид на гулаб. Воедно, овој голем празник се нарекува ПРОСВЕШТЕНИЕ, бидејќи јорданскиот настан нè просветува кога ни Го покажува Бога објавен во недостижната тајна на Едносушната и Неразделна Троица. Секој од нас преку светото крштение постанува посинет од Отецот на Светлината, преку заслугите на Синот и преку силата на Светиот Дух.

Овој празник во нашиот народ е познат со името “Водици”, затоа што со влегувањето во реката Јордан Господ Исус Христос ја осветил водата. Во спомен на овој настан и денес се свети вода и богојавленската водица се чува во православните домови цела година; таа не се расипува. Денот пред Богојавление е строг пост и се вика “Водопост” или “Водокрст”, а некаде и “Нејатка”.

Денешниот ден е настан и за нашето просветување. Духот Божји повторно слегува на нашите езерски води со извршувањето на традиционалниот Богојавленски водосвет и лебди над нашите глави. Да го чуеме Божјиот глас и да го примиме Синот Божји за наш Спасител кој по Неговото крштевање на Јордан од свети Јован Крстител отпочнал со спосоносната наука. Да ја примиме и ние за раководно начело во нашите животи и да ги чуваме светите традиции на нашата вера. Божјиот благослов нека биде со сите нас денес и на сиот благочестив народ.

За многу години. Амин!

19.01.2003 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски Водосвет на Охридско езеро – Охрид