Беседа на празникот Богојавление, Охрид, 2002 година

“Се јави Јован, крштевајќи во пустињата: и проповедаше покајно крштевање за проштавање на гревовите. И излегуваа при него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и сите се крштеваа од него во реката Јордан, исповедувајќи ги своите гревови. А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и јадеше скакулци и див мед. И проповедаше, велејќи: “По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги одврзам ремењата од обувките Негови. Јас ве крстив со вода, а Он ќе ве крсти со Дух Свети”. А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јована во Јордан. И кога излегуваше од водата, веднаш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него. И се чу глас од небесата: “Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја” (Мк. 1, 4-11)

Јован Крстител не повикувал само на покајување, туку и тврдел дека неговата проповед е некој вид подготовка за доаѓање на Оној Кој е “по-силен”, Оној Кој ќе крштева не само со вода, туку светотаинствено – со Светиот Дух. И ете доаѓа Оној – како што го нарекол Јован Крстител – “по-силен” и прима крштевање од Јована Крстител, потоа се случува таинственото јавување кое ја потврдува вистинитоста на Јовановото пророштво: дека, токму Он е Тој за Чие доаѓање ви пророкував…

Како што гледаме во овој краток евангелски расказ, за Кршевањето Христово, соединето е многу од тоа и исплетени се могу различни нитки. Пред сè, тука е свети Јован Крстител и неговата проповед за покајание и крштевање. Јован Крстител припаѓа на оние духовни луѓе, на кого му е од Бога дадената задача, во одредена заедница, во одреден историски момент да ја објави вистината за неправдата, за лагата и злото, со кои таа заедница е зафатена и затруена. Јован Крстител значи им припаѓал на оној вид луѓе чија задача – со современ јазик речено – е да предизвика духовна и етичка криза, односно, со своето сведочење да предизвика соочување на луѓето со злото во себе, да затреперат пред злото, да се освестат и да се ослободат од злото. А токму крштението и крштенското нурнување во водата – која е во ист момент и симбол и извор на живот, но исто така и сила која го очистува и обновува животот – претставува вистинско ослободување и коренито изменување на животот. Како што гледаме од Евангелието, во време кога Христос ја започнал Својата проповед на староеврејската заедница, таа заедница поминувала преку тешка духовна и етичка криза, криза за покајание и жед за духовна обнова.

Друга работа на која укажува евангелското кажување е тоа дека етичката криза на таа заедница се пројавувала и преку силното очекување на некаков одлучувачки настан, доаѓање на Некој Кој требало да го заврши делото на Јован Крстител и Кој требало Јовановото крштевање со вода да го претвори во таинствено крштение, со Дух Свети. Од останатите евангелисти дознаваме дека тоа очекување се однесува на Христа, односно на Спасителот, ветениот од Бога, за Кого пророкувале старозаветните пророци.

За тоа јасно зборува евангелистот Лука: “…А луѓето што чекаа и си помислуваа во срцата свои за Јована да не е тој Христос?” (Лк. 3, 15). Така доаѓањето на Исуса Христа кај Јован Крстител на реката Јордан всушност било јавување на Ветениот и Пророкуваниот Спасител, или – со други зборови, – остварување и исполнување на сите пророштва за Спасителот.

За тоа сведочи и евангелистот Матеј: “Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан при Јована за да се крсти од него. А Јован го одвраќаше, велејќи: “Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли – доаѓаш? Но Исус му одговори и рече: Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда…” (Мт. 3, 13-14).

Трето, на што укажува Евангелието, е крштевањето на Самиот Исус, т.е. Неговото погружување – потопување во јорданската вода преку раката на Јован Крстител. Но, ако е Исус – Спасител, зошто тогаш било потребно Негово крштевање, кога се знае дека крштевањето е симбол на покајание и жед за очистување? Но, на Јовановиот сомнеж, Исус одлучно одговара дека Јован треба да Го крсти, и Јован Го крштева. И Црквата веќе две илјади години се вдлабочува во тоа смирение на Оној во Кого верува како во Спасител и Бога, во смислата што тоа смирение го има за светот, за луѓето, за секого од нас.

И конечно, четврто и последно на што укажува Евангелието е она што се случило веднаш по Христовото потопување во водата Јорданска, а што е опишано на чудесен и сликовит начин: таинствено појавување на гулаб кој се спуштил на Христа во оној миг кога Христос излегол од водата, потоа глас кој се слушнал од небото, и конечно, евангелските зборови – “Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата”.

Како што можеме да видиме, се работи не само за една тема, туку за четири “димензии”, односно евангелски настани, кои се соединети во радосниот празник Крштевањето Господово, во празникот Богојавление.

 

19.01.2002 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски Водосвет на Охридско Езеро -Охрид