Беседа на Богојавление, 2013 година

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Nашата света Православна Црква пред десетина дена го прослави светото Христово раѓање. Господ Исус Христос се раѓа во Витлеем и Својата понизност и човекољубие ги покажува преку крајната снисходливост, зашто како Бог прима човечко тело преку Света Дева Марија, и станува во сè сличен на нас освен во гревот.

Сè до Својата триесетта година, Тој расте и живее незабележан од светот, освен од Неговата Пречиста Мајка и од првосвештениците јудејски. Кога ќе наполни триесет години ќе излезе и ќе ја започне Својата јавна мисија и проповед. Тој најпрво се појавува на реката Јордан, каде светиот Јован Крстител ќе започне да го подготвува еврејскиот народ за дочекување на Месијата, Господа Христа. Бидејќи свети Јован бил прочуен со својот аскетски живот и високи морални принципи, бројниот еврејски народ како река се упатувал кон него да биде крстен во Јорданските води. Во тој извонреден броен народ, тивко и незабележително пристапувал и Господ Христос, за да биде и Тој потопен од Претечевата рака во Јордан. Но, кога го забележува Крстителот Јован, затреперува и се обидува да Го одврати од намерата, бидејќи тој знаел, бил просветен и осветен од Светиот Дух, дека Христос е Месијата, Кој нема никаков грев и нема од што да се мие, бидејќи е посветол од Сонцето. Но, Господ Христос му одговара на свети Јован: „Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Мт. 3,15), или, со други зборови, треба да ја извршиме промислата Божја и да им покажеме на луѓето дека со крштевањето, односно со трикратното потопување во водите, се уништува гревот, се измива првородниот грев, се обессилува ѓаволот, кој што се вгнездил во водените стихии, но и во срцата и душите на огревовениот човечки род.

Преку крштевањето светата Црква ни дава можност да ги ползуваме сите благодети што Црквата ги нуди на секој еден кој е крстен во светата православна Црква и вера. Преку крштевањето човечкиот род се помирува со Бога, повторно го воспоставува сојузот или заветот помеѓу Бога како Создател и човечкиот род како создание.

Не случајно свети Јован Крстител ќе каже:

„Ете Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе“ (Јован 1,29).

Искупителот на човечкиот род е „вечниот свештеник по чинот Мелхиседеков“ (Евр. 7,17), Кој Самиот Себеси се принесува како жртва на Небесниот Отец за нас грешните.

Не треба да заборавиме дека Тој е и праведен Судија и Лекар на сите измачени од гревовите и е единствен Борец, Кој излегува на духовна борба со „духовниот Голијат“ – ѓаволот, кој со големо лукавство и со сите дозволени и недозволени средства сака да ги одврати сите луѓе од Бога. Но, Господ, преку Своето богомудро и праведно промислување, совршено го победил и го избавил човечкиот род од власта и ропството на нечестивиот.

Возљубени браќа и сестри!

Сите ние сме се удостоиле со светото крштение и уште како млади, според верата на нашите родители и кумови, сме се очистиле од првородниот грев. Ние повторно сме родени од вода и од Свет Дух и сме посиновени од нашиот Отец Небесен. За нас се отворени дверите на Царството Божјо. Затоа сите ние да се очистиме, осветиме, препородиме и измиеме на денешниот ден со богојавленска вода, за да се отстрани од нас секаква неправда, секаква страст, секој грев и нечистотија, та да можеме вистински да Го прославиме нашиот Спасител Христос, Кој заради нас, денеска се крштева во Јордан, заедно со Отецот и Светиот Дух, Кои Го посведочија Возљубениот Син, сега и во вечни векови!

Честит празник, за многу години!

 

19.01.2013 година, На празникот Богојавление- Голем Богојавленски

Водосвет на Охридско Езеро, Охрид