Беседа на Богојавление, 2011 година

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри!

Dенеска нашата света Црква го прославува водното крштевање на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, во реката Јордан, од страна на свети Јован Крстител. Истовремено, го прославува и јавувањето на целата Света Троица, токму во моментот кога Господ Христос, по потопувањето во Јорданските води, излегува. Тогаш Света Троица на едно место јасно ќе се открие на севкупниот човечки род: Синот Божји се крштева, Духот Свети слегува врз Него во вид на гулаб, а Бог Отецот од облаците сведочи дека Овој е Негов Син.

Јован Крстител дефинитивно не Го познавал Господа Христа, затоа и се возбудил кога пристапил Исус Христос да биде крстен од него. Затоа св. Јован се обидува да Го одврати Христа, велејќи му: Ти треба мене да ме крстиш, а не јас Тебе да Те крстам. Тој ја чувствувал Неговата возвишеност и величественост. Но, досега тој ништо не можел да им каже на луѓето за Него, освен неодредено: „Меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате” (Јован 1,26). Или, пак, „И по мене иде Човек, Кој пред мене беше, оти постоеше порано од мене“ (Јован 1,30). Но, денеска откако Го виде и слушна за Него од Небото, Јован сведочи, велејќи: „И јас видов и посведочив, дека е Овој Син Божји“ (Јован 1, 34).

Пред да влезе во водата, Господ му рекол на Јована:

„Нам ни претстои да ја исполниме секоја правда“ (Мт. 3,15). Правдата најпрво е во тоа што сите погрешиле и се лишиле од славата Божја (Рим. 3,23). Исус, пак, како што знаеме, ќе ги понесе врз Себе гревовите на мнозина и за престапниците ќе стане посредник (Иса. 53,12). Но, пред да ги понесе потребно е да ги земе врз Себе. Потопувањето во водата, која била преполна со гревовите на луѓето, било земање на гревовите врз Себе. Како што пишува св. Јован Дамаскин: „Он се крстил не затоа што Самиот имал потреба за очистување, туку го усвојува моето очистување врз Себе“.

Но, не веднаш со самото влегување на Исуса во водата сите сме се очистиле. Потребно е да се потсетиме на старозаветното очистување со вода. Тоа е многу јасно и гласно кажано во Третата Мојсеева книга (Левит), дека после секое допирање до нечисто било потребно да се измијат со вода и дека ќе останат нечисти сè до вечерта (3Мој. 15,5). Не се постанува автоматски чист со миењето, туку било потребно да помине извесно време, односно да настапи вечер. Ова е предобраз на Новиот завет. Така, и по влегувањето на Господ Исус Христос во Јорданските води, ќе поминат уште три години додека дошла ноќта кога ќе настапи вечерта на Неговиот живот. И само после доаѓањето на таа вечер, со покајание и вера се прима очистување со вода и Дух на секое време и на секое место.

Спасението се извршува и со Божја помош, но потребен е и човечки труд. Човекот е должен да се покае за гревовите. Господ е должен да дојде и да ги земе тие гревови на Себе и да Се распне на крстот. Таа средба се случува во водата на крштевањето. На денешен ден се крштевале само оние коишто се подготвувале за оваа света Тајна т.н. катихумените. Потоа, овој ден ќе постане општ празник на светата Црква и ќе се празнува како Теофанија. Денеска светата Православна Црква практикува крштевањето да се извршува уште во најрана возраст, односно таа ги советува и учи своите верни да ги крштеваат децата додека се уште бебиња. Затоа пак, кумовите и родителите земаат обврска пред Бога и пред Црквата да ги воспитаат во православната вера децата што ги крштеваат.

Затоа денешниот ден е голем празник. Тој ни напомнува на сите нас за светата Тајна на нашето крштение и нè повикува сите да ја примиме оваа тајна, и тоа не како нешто кое по автоматизам, или обичај, или, како што велат оние што ништо не знаат за верата, чист обред, туку како голема Тајна на нашето спасение. И заедно со крштевањето во Христа и да се облечеме во Христа. Тоа облекување не се случува во мигот кога се крштеваме и излегуваме од водата, па одеднаш да се облечеме во Христа. Облекувањето во Христа со спасителната облека е долг процес преку целиот наш живот. Тоа секогаш се постигнува преку борба и трошење на нашите сили, бидејќи за да се облечеме во Христа, треба да се надминат и совладаат многу искушенија, соблазни, обмани и сето она што нè оддалечува од Бога. Затоа секој човек со своето крштевање го прима овој подвиг како животна задача преку целиот негов овоземен живот. И секој еден од нас е должен до крајот на својот живот да ги повторува зборовите: „Јас во Христа се крстив и во Христа се облеков“.

Тогаш нашата вера ќе ни биде жива и делотворна. Тогаш луѓето ќе прават добри дела, не со присила и не со наредба, туку по заповед на срцето свое од љубов и доброволно.

Драги браќа и сестри, да допуштиме празникот на Богојавление да ги обнови во нас духовните сили, да ја сочуваме верноста на Спасителот со Кого ние сме соединети преку крштението, Кого Го имаме примено во нашите срца преку крштевањето и на Кого сме должни да Му бидеме верни до крајот на нашиот живот. Амин!

19.01.2011 година, На празникот Богојавление, Голем Водосвет на Охридско езеро, Охрид