Беседа на Богојавление, 1999 година, Охрид

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!!

Драги браќа и сестри во Господа! Денеска празнуваме Голем Господов празник! Тој е познат под три имиња: Крштение Господово, Богојавление и Просвештение.

Се нарекува Крштение Господово, затоа што на денешниот ден, според црковното предание, Господ Исус Христос се крстил во реката Јордан од Јован Крстител.

Се нарекува Богојавление, затоа што на тогашен ден, при крштенито на Господ Исус Христос, Бог се открил или се јавил на човештвото како Пресвета Троица: Бог Отец, Бог Син, и Бог Дух Свети. Бог Син се крштевал, Бог Отец зборувал од небото: “Тоа е Мојот возљубен Син, на Кого е Мојата милост”, а Бог Дух Свети се јавил во вид на гулаб (Мт. 3, 16-17). Затоа и светата Црква пее: “При Твоето крштевање во Јордан, Господи, се откри поклонувањето на Светата Троица: зашто гласот на Отецот сведочеше за Тебе, откако те нарече возљубен Син, а Духот во вид на гулаб ја потврдуваше вистинитоста на овие зборови”.

Празникот се нарекува Просвештение, затоа што Он како Бог, Кој е светлина (1Јн. 1, 15), постанува од сега “светлина на светот” (Јн. 8, 12), “која го просветлува секој човек, кој доаѓа во светот” (Јн. 1, 9); – светлина, која ги просветува оние кои седат во темнина и во смртна сенка (Мт.4.16). Затоа и тропарот на празникот завршува така: “Христе Боже, Кој си се јавил и си го просветил светот, слава на Тебе!” И кондакот гласи: “Си се јавил денеска на вселената, и Твојата светлина, Господи, се одрази врз нас, кои разумно те воспеваме: Си дошол и си се јавил, Светлино непристапна”.

Празникот Богојавление е многу древен: востановен е уште од апостолското време.

Овој празник Светата Црква го смета за посветол и пославен и од самото Рождество Христово. Бидејќи Рождеството Христово е почетокот на јавувањето на Исуса Христа во светот, а Крштевањето е почеток на Неговото воспевање во сенародно служење за спасението на светот. „Светол е Спасителе- вели Црквата, минатиот празник – Твоето Рождество, но посветол е празникот што настапува односно Богојавлението. На Рождеството, преку пролеаната крв од Ирода, без децата свои ридаше Витлеем, а на празникот Богојавление, преку благословената вода, се создава многужеден свет купел. При Рождеството ѕвезда ги извести за Тебе мудреците, а сега Самиот Отец Те покажа на светот.

Славен е, впрочем, минатиот празник – Рожеството Христово, но пославен е сегашниот – Богојавление: на Рождеството мудреците Ти се поклонија, но на сегашниот ден славниот претеча Јован Крстител Те крсти; при Рождеството пастирите, откако Те видоа, се чудеа, а сега на Богојавление гласот на Отецот Те објави како Единороден Син“.

Денешниот празник ни разоткрива дека нашето очистување и спасение од гревови е возможно само со помош на Божјата благодат и ни вдахнува чувство на благодарност кон Промислителот и Очистителот на нашата гревовна природа, Господ Исус Христос, бидејќи бил безгрешен; затоа, немал потреба од крштевање, но сепак се крстил. Воспевајќи во проповедта на Евангелието, преку светиот Дух, и Својата сила, ја осветил водата на крштевањето за наше очистување и обновување (Тит. 3, 5).

И ние, кои во Христа сме крстени, во Христа сме облечени (Гал. 3, 27). – затоа денеска, наместо “Свети Боже” светата Црква пее: “Елици во Христа креститесја, во Христа облекостесја. Алилуја!”

За спомен на Крштевањето Господово, при што Господ Исус Христос се потопил во Јорданските води – “за да им го даде на водите, – како што вели цариградскиот патријарх Прокло, – дарот на осветувањето”, Светата православна Црква извршува Големо осветување на водата, наречено така за разлика “од малиот” водосвет кој се извршува во други денови преку годината.  Овој Богојавленски обред на осветување на водата води свое потекло уште од апостолско време. Го сретнуваме во делата од Правилата на апостолите, како и кај отците на Црквата од првите векови како што се Тертулијан, св. Кипријан, св. Василие Велики и други.

Денеска сме собрани на пристаништето на прекрасното Охридско езеро, за да го отпразнуваме празникот и да ја испросиме Божјата осветителна благодат. Така, драги браќа и сестри, со едно срце и една уста да се обратиме кон Господа: со славословија за неговите големи дела, и благодарност за Неговите пребогати милости кон нас, и со опростување, да ни помогне да ги угаснеме сите вжештени стрели на лукавиот (Ефес. 6, 16). “ Да ги отфрлиме нечесноста и похотите од овој свет, чесно, праведно и побожно да поживееме во овој век. Да чекаме да се исполни блажената надеж и да се јави славата на Великиот Бог и Спасител, нашиот Исус Христос. Тој се даде Самиот Себе за нас, за да нè избави од секакво беззаконие и да нè очисти, та да Му бидеме народ избран, ревносен кон добри дела” (Тит. 2, 12-14).

Господи Исусе Христе, Слава Ти ! – Амин

 

19.01. 1999 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски Водосвет на Охридско Езеро – Охрид