Беседа на Богојавление, 1982 година

ВО ИМЕТО НА ОТЕЦОТ И СИНОТ И СВЕТИОТ ДУХ!

„Тој е образ на невидливиот Бог, првороден пред секоја твар„ (Кол. 1, 15)

„Пријдите, примите вси духа премудрости“

Една од најторжествените црковни богојавленски песни започнува со зборовите: „Гласот Господов врз водите вика, дојдете примете сите дух на премудрост, дух на разум, дух на страв Божји – Христос кој се јави“.

Тоа е покана која денска Црквата Христова ја упатува до сите луѓе, драги браќа и сестри. Христос најпрво се крсти во реката Јордан покажувајќи со својот пример дека го прифаќа основното начело на свети Јован Крстител кое гласи: „Покајте се, зашто се приближи Царството Божјо“ (Мт. 3, 2). Христос е без гревови и немаше зошто да се кае. Но, Тој ги прими гревовите на сите луѓе. Така и свети Јован Го претстави Христа пред народот: „Еве го Јагнето Божјо,

кое ги зема гревовите на светот врз Себе“ (Јн. 1, 29). и поради тоа Он, Господ и Бог наш, се крсти во Јордан за да ни покаже со пример како е поребно ние да ја измиеме калта и прашината на нашите безаконија, пред да се доближиме до Бога и пред да примиме: „Дух на премудрост, дух на разум и дух на стравот Божји“.

Христос, како безгрешен, се крстил поради гревовите на целото човештво, а ние се крштеваме за да се облечеме во Христа (Гал. 3, 27). За да можеме и ние, онака како што Христос воскресна од мртвите преку славата на Отецот, да живееме нов живот. (Рим. 6, 4). Пред крштевање се одрекуваме од сета поранешна грешност, каејќи се искрено и јавно. После покајанието доаѓа чинот на примање на духот на премудроста. Тоа е дух на просветување, кој не чува и спасува од заблуди. Поради тоа, Богојавление се нарекува и празник на Просветување – Просветлување. Славејќи го Богојавление ние го доживуваме и просветувањето, светлината на животниот пат на кој нė демнеат многубројни непријатели, страсти, искушенија и духовни кризи.

Потоа доаѓа духот на разум, а тоа е духот кој не упатува на она што сака од нас Небесниот Отец. Он нė потсетува нас на исполнувањето на волјата Божја. „Затоа да не бидеме неразумни, туку разберете ја волјата Господова!, вели свети апостол Павле. (Еф. 5, 17).

Духот на стравопочитување му помага на човекот за да не направи некое дело со кое ќе го навреди Бога. Тоа е стравот Божји, стравот да не го навреди Бога со своите постапки, навики и меѓусебни односи.

Богојавление, исто така, нė потсетува и на прашањето: Дали го слушаме Бога? Гласот Божји секогаш треба да се слуша како што некогаш се слушал „Гласот Господов над водите“ – а тоа е преку Евангелието Христово како наука која нė учи на слушање на Гласот Божји. Бог зборува многу пати и на многу начини, вели свети апостол Павле. (Евр. 1, 1).

Денеска многу се зборува; зборуваат дипломати, политичари, луѓе во претпријатија, фамилии, во разни заводи и на многу други места е присутно зборувањето. Постојано и секојдневно слушаме преку радио и телевизија или читаме во печатот разни говорници. Сите ги слушаме, за сите наоѓаме и време и можност да ги слушнеме, а Бога и Божјата порака како да сме заборавиле да ја слушаме.

Нашево време е време на техника, машинерија, бучност и врева на секој чекор. Многу нешта во таа бучност не се слушаат, а и Бог не се слуша. Ги слушаме пеачите и свирачите, музика модерна и стара. За жал, небесната музика, која го велича својот Творец, Кој сė премудро создал, не ја слушаме. Не ги слушаме пораките Божји и Гласот Господов, оти сме премногу зафатени околу овој свет во кој живееме.

Денешниот ден и празник, Бог го даде за да се вратиме на себе си, на нашиот духовен живот, и да се преиспитаме за да можеме да го слушнеме: „Гласот Господов над водите“. Овој ден е одреден подобро да го слушнеме словото Божјо и Неговата порака, упатена на секој до нас преку Неговиот Единороден Син, Кој дојде во светот по волјата на Својот Отец Небесен, да нė научи на гледање на битието Божјо и слушање на Неговата волја. Празнувајќи го Богојавлението и над нас ќе се отвори небото и Бог ќе ни се јави во Три Лица – Отецот и Синот и Светиот Дух, Троица света и единосушна. Нека 􀋦 биде слава и благодарност сега и секогаш и во сите векови. Амин!

19.01.1982 година, На празникот Богојавление,

Црква Свети Георгиј, Охрид