Беседа на Богојавление, 2009 година

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Драги браќа и сестри! Светата Православна Црква денеска прославува еден од големите Господови празници кој се именува со повеќе имиња: Крштевање Господово, Богојавление и Просвештение. Се нарекува Крштевање, бидејќи на денешен ден, според црковното предание, нашиот Спасител, Господ Исус Христос се крстил во реката Јордан од раката на свети Јован Крстител и Претеча Господов.

Се нарекува Богојавление бидејќи во моментот кога Господ Христос се крштевал, најјасно се јавува Светата Троица на човечкиот род, и тоа: Синот Божји се крштева како човек; Светиот Дух слегува врз Него во вид на гулаб; а Бог Отец посведочува со тоа што се слуша Неговиот глас, кој вели: Ова е Мојот возљубен Син врз Кого е Мојата волја.

Празникот се нарекува уште и Просвештение затоа што Бог, Кој е светлина (1 Јов. 1, 5) отсега станува светлина на светот (Јн. 8, 12) која го осветлува секој човек што доаѓа во светот (Јн. 1, 9), светлина што ги осветлува тие кои седеа во мрак и во смртна сенка (Мт. 4, 16). Затоа и тропарот на празникот завршува вака: Се јави Христе Боже и го просвети светот, слава Ти!

Сите овие имиња одговараат и нѐ поучуваат и ние како верници, кои го прославуваме овој ден, да се просветлиме, да се обожиме, да се препородиме, та вистинската светлина да засвети во нашите срца, во нашите души, во нашиот живот. Како вистински чеда Божји да се погрижиме и да се потрудиме да отфрлиме од нас секаков грев и да го замениме земното со она што е небесно; да замениме сѐ што е страсно, со возвишено; сѐ што е ниско со благородно; да ги замениме гревовите со добродетели за да го исполниме законот Божји и да бидеме синови на светлината по благодатта и човекољубието на нашиот Спасител, Господ Исус Христос, Кој денеска ни се јавува. Амин!

19.01.2009 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски Водосвет на Охридско Езеро- Охрид