Беседа на Богојавление, 2008 година

Свети апостол Јаков советува во неговото послание: “Приближете се кон Бога, и Он ќе се приближи кон вас … поправете ги срцата свои, непостојани. Понизете се пред Господа, и ќе ве подигне!“ (Јак. 4. 8 -10).

Како ние луѓето се доближуваме кон Бога? Има многу патишта и начини. Најпрво со вера во Бога. “Бидејки оние, кои доаѓаат при Бога, треба да веруваат оти Он постои и дека ги наградува оние, што Го бараат”, вели свети апостол Павле ( Евреите 11, 6). Тоа верување

е дека Бог постои како Татко на сите луѓе, Создател на сѐ создадено во овој свет и живот. Верата е живот во заедница со Бога, во љубовта кон Бога, во истовреме таа е и живот во љубов кон сите луѓе, бидејки сите луѓе се деца Божји, а помеѓу себе се браќа и сестри. Верата во Бога е живот и покренувач на односот човечки, на неговите дела, навиките и карактерите. Затоа и верата во Бога е најпресуден чинител во приближувањето кон Бога .

Светиот боговидец Јован Богослов ја запишал Божјата порака која вели : “Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене” (Откровение 3, 20). Бог е блиску до секој човек – преку Господа Исуса Христа, кој како Бог стои пред вратите на секое срце од човек и чука. Срце исполнето со вера, загреано со љубов, и исполнето со праведност и вистина, ќе ја отвори вратата на овој небесен глас. Поинаку речено: Бог со сила никаде не влегува за да ја покаже својата семожност над луѓето. Бог чека пред вратите, ние луѓе доброволно да ја отвориме нашата духовна врата и да Го примиме слободно.

Бог чука со својата благодат. Електичната струја на Божјата благодат се вклучува во водовите кон луѓето преку верата, љубовта и надежта во Божјата милост. Од луѓето зависи, дали со страв Божји вера и љубов ќе пристапат кон Бога. Дали сакаат да Му се приближат, да би постанале “учесници во вечниот живот, што е подготвен од Бога за сите оние кои Го сакаат” ? (1Кор. 2. 9).

Дојдете кон Мене и – и Јас ќе ве одморам, порачува нашиот Спасител Господ Исус Христос на секој еден од нас. Дојдете да ви простам, а не да ви судам. Дојдете да ви помогнам, а не да ве казнам. Дојдете поради тоа што ве љубам, а не што ве мразам. Дојдете да се радувам, бидејќи бевте изгубени, па сте најдени, што бевте мртви, па оживевте. Само едно од вас барам: “Покајте се ! Изменете се !”

Оваа Спасителева порака секој ден е упатена кон секој еден од нас. И ние спаѓаме во редот на обременетите и оптоварените и уморените од гревот во овој свет. На секој од нас Царството Божјо е блиску, тоа е во нас и околу нас. Потребно е само покајание со праведен христијански живот. Денешниот ден на Богојавление нека ни послужи за такво покајание со вистинско капење во Богојавленската вода на Охридското езеро за да ги измиеме сите надворешни и внатрешни душевни нечистотии, па очистени и покајани да го прославиме овој ден на Крштението на Господа Исуса Христа.

Господи, помогни ни да се доближиме до Тебе, за да можеме да го примиме од Тебе секој добар дар, благодат и милост, сега и во сите векови.

Христос се јави !

 

19.01.2008 година, На празникот Богојавление,

Голем Богојавленски Водосвет на Охридско Езеро – Охрид