Беседа на Богојавление – Водици, Охрид, 2000 година

“Гласот Господов над водите извикува велејќи:

Дојдете, примете Го сите Духот на премудроста, Духот на разумот, духот на стравот Божји, од Христа Кој се јавил!” (Стихира од Голем Водосвет)

Песникот во една реченица ја искажал сета вистина на овој голем празник. Над водите се слуша гласот Господов што одекнува. Овде се дарува Духот на премудроста, духот на разумот, духот на стравот Божји, преку Христа Кој се јаву­ва. Потоа додава “денес се осветува природата на водата” Природата добива своја полнота, бидејќи Оној Кој е полно­та на сè, ѝ долева на природата на водата нов квалитет, ѝ открива нова димензија. Таа вода, животворна по својата природа, сега постанува чудотворна со тоа што Самиот Бог слегува во неа и ја осветува. Се разделува Јордан и ги враќа водните струи, гледајќи Го Владиката како се крштава. Не само Јован Претеча туку и водата е зачудена од ова чудо. Во тоа чудо, преку учество на водата, учествува целокупното создание и Јован како претставник на човечкиот род. “Како човек си дошол на реката, Христе Царе, од слугата да го примиш крштението, добар (Боже) – од Претечевата рака, заради нашите гревови, Човекољупче”. Претечата затрепе­ри и извика, велејќи: Како може светилката да ја осветли Светлината?! Како слугата да ја положи раката на Господа­рот!? Јас сум светилка Твоја, зар јас да Те просветувам со тајната на крштението? Наместо Ти, Кој си Вечна Светлина, мене да ме просветлиш? Како можам јас кој сум слуга, да ја положам раката на Господарот свој? И тогаш Го повикува  Христа: Освети ме мене и водите Спасителу, Ти Кој го земаш гревот на светот!”

Богојавлението како што е осветување на водите така е и на човечката природа. Божествената Светлина продира во длабочините на созданијата и ги осветлува со себе сите и сè. На водите им ја дава нивната смисла, а пред сè на чове­ковото битие, кое е центар на вселената.

Тајната на Богојавление не е нешто што се случило не­подготвено. Сè што се случувало од самиот почеток – од соз­давањето на светот го постигнува својот врв во оваа тајна. “Господи сакајќи да го исполниш она што си го подготвил од памтивек, тоа си го примил од сите созданија – служителите на Твоите Тајни”. Значи секое суштество Ти принесува неко­го кој Ти служи на таа Твоја тајна: “Од ангелите си го примил Гаврил” (оној кој ја благовести Твојата тајна). “Од луѓето си ја примил Дева” – најубавиот цвет што земјата го родила, “од небесата – ѕвездата”, која на мудреците им го покажала патот до пештерата во која Си се родил, “од водите си го примил Јордан”, во кого се сите собрани води, и преку кого се осветуваат сите земни води”, во кои безаконието на све­тот си го уништил, Спасителу наш слава Ти!”

Сите суштества и сите созданија ги даваат своите прет­ставници кои ѝ се приближуваат и ѝ служат на оваа тајна, за да би можела да се открие. Бог не се открива како осамен, не како самозаљубен од небесата, туку како Бог Кој е љу­бов, Кој од вечноста го сака Синот и Кој од вечноста почива во Својот Дух.

Во Новиот Завет Бог не се открива преку природата туку непосредно – “си дошол и си се јавил”, и созданијата Ти слу­жат. Созданијата се создадени за да ѝ служат на таа света тајна, за да се причестат од таа вечна тајна, и на тој начин да се причестат со својата смисла и да добијат вечна Светлина, вечна мудрост, вечно знаење, вечен ум, вечна Вистина. За преку природата и во неа да се појави таа света тајна и пре­ку неа сите суштества да заиграат, да затреперат, соединети и обединети помеѓу себе со таа вечна и непоминлива тајна.

Тоа што на овој ден се случува на земјава се чува вечно, во таа тајна на Бога Кој слегол и Кој, како што вели Прете­чата, ги осветил водите и него. Ја осветил човековата при­рода, единството го обновил, на водите им дал нова сила, на човекот му ги открил неговите вечни и непреодни сили, токму преку Своето вткајување во него и во неговата приро­да и во неговото битие, преку Богојавление.

19.01.2000 година, На Богојавление –

Голем Богојавленски Водосвет на Охридско Езеро, Охрид